Според истражување спроведено од Институтот „Југов“, зголемен е бројот на Французи, Германци, Италијанци и Шпанци кои сметаат дека вакцината не е безбедна, иако тоа не влијаело на вербата во другите вакцини, како што се тие на „Фајзер” и „Модерна”.

Во анкетата, спроведена меѓу 12 и 18 март, учествувале околу 8.000 луѓе во седум европски земји.

Вкупно 61 процент од Французите сметаат дека вакцината не е безбедна, 18 проценти повеќе отколку во февруари, а истото го мислат околу 55 проценти од Германците или 15 проценти повеќе отколку во февруари.

Во Италија и Шпанија, повеќето луѓе претходно сметале дека вакцината на „АстраЗенека“ е безбедна, 54 и 59 проценти, но тие стапки во последното истражување паднаа на 36 и 38 проценти.

Само во Велика Британија довербата во вакцината е стабилна, покажало истражувањето. Повеќето испитаници, 77 проценти, сè уште сметаат дека вакцината е безбедна, во споредба со 79 проценти доверба во вакцината на „Фајзер“.

Европската агенција за лекови (ЕМА) ги испита извештаите за невообичаени нарушувања во крвта кај приматели на „АстраЗенека“ и минатата недела соопшти дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците и продолжува да препорачува нејзина употреба.

Во текот на март, неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Италија, престанаа да ја користат вакцината откако Данска и Норвешка пријавија изолирани случаи на крварење, згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити.