Европската комисија официјално објави документ за дискусија насочен кон идното проширување, во кој на државите кандидати им нуди модел на постепена интеграција, но со строги заштитни клаузули што треба да гарантираат исполнување на преземените преговарачки обврски.

Во стратешкиот документ насловен „Подготовки за поширока Унија“, Европската комисија поставува насоки и практични чекори преку кои земјите кандидати ќе можат постепено да учествуваат во одредени европски политики дури и пред формалното зачленување, доколку претходно ги исполнат зададените критериуми. Целта на ваквиот пристап е зајакнување на административниот капацитет, зголемување на подготвеноста за пристапување и создавање директни економски придобивки за граѓаните и бизнис секторот во земјите од процесот и во рамките на ЕУ.

Одлуката за постепена интеграција доаѓа откако земјите-членки го отфрлија концептот за таканаречено „обратно членство“, со кое кандидатите правно би станале членки многу побрзо, но без одредени права и бенефиции сè до исполнувањето на целосните услови.

Предлогот воведува ригорозни заштитни механизми во идните пристапни договори што овозможуваат санкционирање на новите членки доколку назадуваат во однос на демократските стандарди или ги прекршат темелните вредности и принципи на Унијата. Во најтешките случаи, овие заштитни механизми предвидуваат дури и одземање на правото на глас.

Планот содржи сет секторски заштитни мерки во три области – економија, внатрешен пазар, како и правда и внатрешни работи. Овие мерки, кои во минатите договори можеа да се активираат во рок од најмногу три години по приемот, сега според предлозите ќе можат да траат од 10 до дури 15 години. Дополнително, се предвидува нова неинституционална заштитна клаузула во случај на грубо кршење на основните вредности и начелото на искрена соработка, која ќе може да се активира и без согласност од сите земји-членки.

Предлогот содржи и обврска со која новите членки ќе мора да се обврзат дека нема да го користат правото на вето за одлуки поврзани со натамошното проширување на Унијата поради билатерални спорови. За забрзување на пристапните преговори, Комисијата препорачува користење на квалификувано мнозинство за отворање преговарачки кластери и затворање поглавја, додека принципот на едногласност останува задолжителен само за финалното заокружување на приемот.

Во однос на секторските политики, Европската комисија предлага Украина да има ограничени земјоделски субвенции и лимитиран пристап до чувствителни земјоделски пазари со цел заштита на земјоделците во Франција и Полска.

Пакетот за проширување за 2026 година, заедно со извештаите за напредокот, ќе биде објавен на 28 октомври. Во него ќе бидат претставени и насоките за четирите напредни земји кандидати – Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, под услов да го задржат реформскиот курс, со наведени пробни рокови за одделните фази од преговорите.