Европската војска пристигнува на Гренланд
Војници од Франција, Германија, Шведска и Норвешка започнаа да пристигнуваат на Гренланд со цел зајакнување на безбедноста на островот. Овој потег следува по разговорите меѓу САД, Данска и Гренланд, на кои било нагласено „фундаментално несогласување“ меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и европските сојузници.
Францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека првите француски воени елементи веќе се на пат, додавајќи дека во наредниот период ќе следуваат и други.
Операцијата „Арктичка издржливост“
Данскиот министер за одбрана Трелс Лунд Поулсен изјави дека целта на операцијата „Арктичка издржливост“ е воспоставување попостојано сојузничко воено присуство на Гренланд, како и спроведување заеднички воени вежби. Тој појасни дека ќе има ротација на сојузничките земји, кои периодично ќе доаѓаат и ќе го напуштаат островот, без да прецизира дали ова претставува директен сигнал кон САД.
Вицепремиерот на Гренланд, Муте Егеде, најави дека во следните денови се очекува пристигнување на дополнителни војници, како и зголемување на присуството на летала и бродови.
Реакции од САД, Данска и Кремљ
По средбата во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд, Ларс Локе Расмусен и Вивијан Моцфелт, со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, Трамп повторно изјави дека Гренланд е од клучно значење за националната безбедност на САД. Тој оцени дека Данска нема капацитет самостојно да го заштити островот доколку се појави закана од Русија или Кина.
Расмусен изјави дека евентуално американско преземање на Гренланд е апсолутно непотребно, но призна дека не е сигурен дали ќе се постигне договор околу иднината на островот, додавајќи дека е очигледно оти Трамп има желба да го „освои“ Гренланд. Во меѓувреме, Кремљ изрази сериозна загриженост поради распоредувањето на трупи на НАТО на островот, оценувајќи дека тоа се прави под изговор за зголемени закани од Русија и Кина.
