Адеми, како што информираат од Комисијата, имал обраќање на Првата сесија посветена на Приоритетите на португалското ЕУ претседателство, заедно со претседателите на Португалскиот парламент Едуардо Фереро Родригез и на Европскиот парламент Давид Мариа Сасоли и португалскиот премиер Антонио Каста.
Во своето обраќање, Адеми и се заблагодарил на Португалија, која како дел од Триото на претседателства, ја продолжи политиката на претходниот претседавач со ЕУ, Германија, во однос на поддршката на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Притоа, тој посебно ја истакнал поддршката и заложбите за спроведување на одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Во врска со отворените прашања со соседна Бугарија, Адеми истакнал дека предлогот од португалското претседателство со Советот на Европската Унија, за надминување на прашањата со соседна Бугарија, од наша страна, е оценет како добра основа за конечно решение.
Адеми, се вели во соопштението, посочил дека одолговлекувањето на проблемот не е во ничиј интерес, ниту на Македонија, ниту на Бугарија, ниту пак на Европската унија, во смисла на кредибилноста и влијанието што Унијата го има во овој регион.
Во рамки на конференцијата, учесниците се осврнале и на мотото на португалското претседателство „Време е за резултати: Чесно, зелено и дигитално закрепнување“, но и на другите приоритети и тоа на социјалните права, промоцијата на европскиот социјален модел, еднаквоста на половите и борбата против дискриминацијата.