Користењето на европско знаменце за закони кои немаат поврзаност со европското законодавство на долг рок може да наштети на македонските евроинтеграции – вака дел од експертите го оценуваат влезот на законите за Бехтел и Енка во собраниска процедура. Со договорот се кршат и правилата на европското законодавство за јавни набавки, вели Марко Трошановски. Според него, проектот отстапува од правилата на ЕУ за јавни набавки.
-Ставањето на овие закони со европско знаменце не подразбира усогласување со законодавството и стандардите на ЕУ. Воопшто целиот проект на Бехтел и Енка отстапува од стандардите на ЕУ за делиберативна јавна дебата за компетитивни и конкурентни процеси на јавни набавки каде што има наддавање и конкуренција. И од тука нема смисла протуркување на закони од неевропски договор со Бехтел и Енка да се аргумент за приближувње на нашето закондоавство со ЕУ и овој апсурд со право беше нотиран од ЕУ, изјави Марко Трошановски.
Користењето на европско знаменце и до сега беше нотирано од официјален Брисел, но реакцијата на Делегација на ЕУ во земјава е досега најјасна критика на праксата – вели Трошановски. Според него, фактот што коридорите биле ставени на мапата на ЕУ, требало да биде искористен за да се побараат и европски средства за нивно финансирање.
-До сега и на неколку наврати беше изразена загриженоста. Но, досега ова е најјасен и експлицитен начин или критика на праксата за европското знаменце да се користи за протуркување на законски решенија. Тоа што коридорите беа ставени на мапата на транспортни коридори на ЕУ требаше да биде добар изговор за истите се побараат и европски средства за финансирање. Но, барањето на европски средства би значело и дека процесите на тендерирање треба да бидат компетитивни, изјави Марко Трошановски.
Од Делегацијата на ЕУ во земјава минатата недела реагираа дека Европското знаменце на предлог-законите за изградба на автопатиштата од Бехтел и Енка не е оправдано и не е поврзано со реформската агенда за ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ пак, истакна дека за потегот има основа и политичка оправданост, односно, деблокада на Собранието и побрза изградба на автопатите. Користењето на европско знаменце на законите и во минатото беше предмет на критики од Брисел, а се најде и во последните два извештаи на ЕК.