Во текот на вчерашниот ден на депонијата во општина Ново Село, на планината Огражден, нелегално бил фрлен и запален отпад од страна на луѓе кои го превезувале со трактор со регистерски таблички 7704 AB – кажуваат очевидци кои случајот веднаш го пријавиле во полиција.

Превозното средство со кое е истоварен отпадот е регистрирано на фирмата ИНТЕР-ЕВРОГЕНЕКС со седиште во Ново Село на ул. Гоце Делчев бр. 12.

Острата реакција на граѓаните кон оваа постапка доаѓа бидејќи речиси цело лето минатата година, пожарите на депонијата загадуваа неколку населени места кои се наоѓаат во низинските делови на општината и беа потребни бројни интервенции од страна на локалните служби за истите да се стават под контрола.

Дополнителната загриженост на локалното население се јавува и заради информациите дека отпадот потекнува од фармцевтска компанија и не знаат каква е неговата природата и какви можат да бидат последиците по нивното здравје.

Во текот на вчерашниот ден на местото веднаш реагирала локалната противпожарна единица, а заради количината на истурениот отпад сеуште постојат жаришта кои заради присутниот ветер повторно се разгоруваат. Сопоред последните информации, противпожарната служба врши уште една интервенција за да се спречи ширењето на пожарот а со тоа и загадувањето на населените места во општина Ново Село.