Од македонската „куќа на фудбалот“ се заблагодарија за приемот во Сараево
По пријателскиот натпревар меѓу Македонија и Босна и Херцеговина во Сараево, кој заврши без голови, од Фудбалската федерација на Македонија упатија јавна благодарност до домаќините за топлиот пречек и гостопримството за време на престојот во босанската престолнина.
Во објава на социјалните мрежи, ФФМ истакна дека македонската експедиција се чувствувала како дома и посебно им се заблагодари на челниците на Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина.
Благодарност до раководството на Фудбалската федерација на БиХ
„Сараево, ви благодариме! Не беше само гостопримство, беше чувство како да сме дома. Голема благодарност до претседателот Вицо Зељковиќ, спортскиот директор Емир Спахиќ и целата Фудбалска федерација на БиХ. Во овие два дена направивте сѐ за да се чувствуваме како свои, а тоа не се заборава. Пријателски народ, искрени луѓе и град кој секогаш има посебна енергија“, стои во објавата на ФФМ.
Македонската репрезентација во Сараево одигра 0:0 против Босна и Херцеговина во рамки на подготовките за претстојните предизвици.
