Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрази денеска „голема благодарност“ за поддршката која репрезентацијата ја доби од трибините на Националната арена „Тодор Проески“ во воведниот дуел од евроквалификациите против Малта.
Македонските фудбалери го почнаа квалификацискиот циклус за пласман на ЕУРО2024 со победа вчера над Малта од 2-1, а натпреварот од трибините го следеа 9.991 гледачи.
-Навистина сме горди на тоа што со вашата поддршка фудбалерите покажаа одлучност, самодоверба и почит кон дресот на македонската репрезентација за важна победа на почеток од квалификациите за ЕП 2024. Убедени сме дека ќе бидеме на највисоко ниво и на следните натпревари и одново ќе имаме причина за славје пред полни трибини на Националната арена, соопшти ФФМ.
Македонските фудбалери в понеделник со почетокот од 18 часот на Арената во Скопје ја пречекуваат репрезентацијата на Фарските Острови во пријателски натпревар, а евроквалификациите ќе ги продолжат на 16 јуни кога во Скопје ја пречекуваат Украина, додека три денови подоцна ќе и гостуваат на Англија во Манчестер.