Финалето од Купот на Македонија меѓу ФК Силекс и ФК Шкендија доби неславен епилог, откако поразениот тим од Тетово одби да учествува во церемонијата на доделување медали по поразот од 1-0.

Иако натпреварот помина во фер и коректна атмосфера, фудбалерите на Шкендија не излегоа да ги примат сребрените медали што им следуваат како финалисти на Купот. И покрај неколкуте повици од организаторот, Фудбалска федерација на Македонија, играчите останаа под трибината каде што беа нивните навивачи, а потоа за време на прогласувањето на победникот се упатија кон соблекувалната.

Без објаснување од Шкендија

Ваквиот потег отвори бројни прашања во македонската спортска јавност, особено ако се земе предвид дека станува збор за еден од најтрофејните македонски клубови и редовен учесник на европската сцена.

Тренерот Јетон Беќири на прес-конференцијата по мечот не даде конкретно објаснување за одлуката на тимот.

„Не сум компетентен да коментирам“, изјави Беќири.

Можно е да следуваат санкции

Однесувањето на Шкендија може да повлече сериозни последици, бидејќи станува збор за официјално финале во организација на Фудбалска федерација на Македонија, а не за натпревар од неформален карактер.

Во јавноста веќе се отвора прашањето дали ФФМ ќе реагира со дисциплински мерки поради непочитување на церемонијата и институциите на македонскиот фудбал.

Дополнителни реакции предизвика и однесувањето на дел од навивачите на Шкендија, кои за време на интонирањето на македонската химна свиреа и не останаа простум.