Наместо осврт на спорните одлуки, Инфантино порача дека судиите заслужуваат почит
Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, денеска се огласи преку социјалните мрежи. Наместо да ги коментира контроверзиите што ја одбележаа завршницата на Светското првенство, тој ја пофали организацијата на турнирот и работата на судиите.
„Светското првенство донесе неверојатен успех, а голем дел од заслугата за тоа му припаѓа на нашиот одличен судиски тим. На првенството судат најдобрите судии во светот, избрани преку ригорозен процес што ги зеде предвид нивните способности, доследност и квалитет во текот на долг временски период. Би сакал уште еднаш да нагласам дека мора да ги почитуваме судиите и правилата што ја регулираат нашата игра. Тоа е многу едноставно и никогаш не може доволно да се нагласи – без судии нема фудбал“, напиша Инфантино.
Поништениот црвен картон на Балогун предизвика најмногу реакции
Во изминатите денови на Светското првенство се појавија повеќе контроверзии. Најголемо внимание привлече одлуката на ФИФА да го поништи црвениот картон на американскиот фудбалер Фоларин Балогун.
Балогун настапи во осминафиналниот натпревар против Белгија. САД во тој дуел беа убедливо поразени со 4:1.
Претходно, американскиот репрезентативец доби црвен картон во шеснаесетфиналниот натпревар против Босна и Херцеговина.
Ден пред осминафиналниот дуел со Белгија, кој се одигра рано изутринава по средноевропско време, американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговарал со претседателот на ФИФА.
Според информациите, Трамп побарал повторно да се разгледа случајот со исклучувањето на Балогун.
Потоа, ФИФА донела одлука да го поништи црвениот картон и му дозволила на американскиот репрезентативец да настапи во осминафиналето.
