Венко Филипче како Коте од Руља, сè стави на тацна на Бугарија и на Румен Радев, догматично ги следи чекорите на Зоран Заев, рече денеска Валентин Манасиевски од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Румен Радев не е нов политичар во Бугарија, туку само нов премиер, за кој сите знаеме какви радикални ставови има околу Македонија и македонскиот јазик, народ, идентитет и историја. Да не заборавиме дека за Румен Радев сонародниците на Гоце Делчев се Бугари. Со овие ставови и неговиот однос кон Македонија, јасно ни е дека Бугарија нема да се помрдне ни милиметар од нивните барања, со тоа што ќе нè ветоизира на секое можно поле – рече Манасиевски.

Во ваква ситуација, додаде тој, наместо критика и осуда од македонската опозиција, Венко Филипче втрча во прегратки на Радев и на Бугарија, јасно кажувајќи дека доколку дојде на власт би ги направил уставните измени, би ги прифатил барањата на официјална Софија и дека нема проблем Гоце Делчев да е Бугарин, Илинденското востание да биде запишано како бугарско, односно дека би биле, што би рекол неговиот ментор Зоран Заев, еден народ, две држави.

– Тоа што Зоран Заев го започна со распродажба на државните и на националните интереси, Филипче е спремен да го доврши. Наместо да се вразумат и да застанат на вистинската, на македонската страна, тие за свои лични интереси се спремни за нови национални предавства – предупреди Манасиевски.

Константин Христов Саров, познат и како Коте Христов или Константинос Котас, е една од најконтроверзните личности од периодот на македонското револуционерно движење на почетокот на 20 век. Роден е во 1863 година во селото Руља (денес Котас, во Егејска Македонија).

Во македонската историографија најчесто се памети како човек кој прво бил поврзан со ВМРО, а потоа преминал на страната на грчката вооружена пропаганда — андартите. Токму поради тоа, во македонската јавност името „Коте од Руља“ често се користи како симбол за предавство.

Најпознат и најтежок момент поврзан со неговото име е убиството на војводата Лазар Поп Трајков. Тешко ранетиот војвода побарал засолниште кај Коте, а овој го убил, му ја отсекол главата и ја предал на грчкиот митрополит Германос Каравангелис за награда.

 

Извор: Plusinfo