Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон Европската Унија е остра потврда дека земјата тапка во место во реформите, борбата против корупцијата и европскиот процес, оцени лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во партиското седиште. Според него, документот го потврдува она што опозициската партија го говори подолг период, а јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, како што рече, покажуваат дека од оваа влада не може да се очекува напредок на европскиот пат.
Филипче го оцени извештајот како јасен, остар и недвосмислен, посочувајќи дека во него се констатира недоволен напредок во судството, обвинителството, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Европратениците, прво, изразуваат загриженост дека судскиот систем, независноста на судството, обвинителството, како и напорите за јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата не напредуваат доволно. Понатаму, констатираат со загриженост дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во многу области, како и дека има длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува судската независност“, рече Филипче.
Тој наведе дека извештајот што го подготви европратеникот и известувач за Македонија, Томас Вајц, повикува на итно воздржување од политичко мешање во правосудството и ја нагласува важноста од заштита на интегритетот, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет, согласно препораките и мислењето од мисијата за колегијална ревизија на Оценската мисија од 2023 година.
„Тоа е истата поента за која ние предупредувавме и реагиравме“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ се осврна и на забелешките за Кривичниот законик и антикорупциските политики, нагласувајќи дека е потребен нов Кривичен законик, кој, како што рече, веќе е подготвен, на кој се работело и на крајот од мандатот на владата на СДСМ и кој бил изготвен по примерот на германското законодавство.
Филипче додаде дека во извештајот се нотира и странско мешање преку медиуми под унгарско влијание, кои, според него, шират антиевропски наративи.
„Не го кажува ова Венко Филипче? Ова го кажува извештајот на Европскиот парламент. Го потврдува тоа што го говориме со месеци наназад. Дека има медиуми коишто шират антиевропска кампања и антиевропски наративи. Изразуваат загриженост поради стратегиското преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски лица, со што се овозможува антиевропските наративи да навлезат во јавната дебата. И ова е тоа што исто така го говоревме изминатите месеци“, кажа лидерот на СДСМ.
Според Филипче, Европскиот парламент во извештајот јасно порачува дека реформите не се спроведуваат, а политичка волја за продолжување на европскиот пат едноставно нема. Како виновник за таквата состојба тој го посочи премиерот Мицкоски, за кого рече дека јасно и јавно кажува дека државата нема да оди напред кон Европската Унија.
Прашан за спорот со Бугарија и условот што ѝ се поставува на државата за формално отворање на преговорите, односно уставните измени, Филипче рече дека позицијата е јасна и дека усвоената Преговарачка рамка е чиста и иста како за сите други земји кандидатки.
Одговарајќи на новинарско прашање, лидерот на СДСМ рече дека протоколите што се веќе усвоени, меѓу кои и оној во кој се охрабрува историската комисија меѓу Македонија и Бугарија да работи, не се формален услов во Преговарачката рамка и затоа не можат да бидат предмет на блокада на евроинтегративниот пат.
„Имаме чиста Преговарачка рамка, во рамките на тоа треба да се почитуваат малцинските права, затоа Бугарите треба да влезат во Уставот како едно малцинство од многуте, покрај Хрватите и така натаму. И понатаму, Историската комисија која што треба да си работи, што не е нешто ново. Многу земји имале такви историски комисии. И не е точно дека само ние ја имаме таа обврска за почитување на малцинските права“, рече Филипче.
Тој како пример ја посочи Украина, велејќи дека премиерот не го искоментирал тој случај, освен што ја нападнал опозицијата дека е предавничка или неконструктивна во рамките на неговиот наратив.
„Тоа е случајот откако новиот унгарски премиер, за разлика од неговиот претходник Виктор Орбан, големиот пријател на Христијан Мицкоски, којшто му даде една милијарда евра кредит, така направи договор со Украина и Украинците преземаа обврска да работат на изготвување план за почитување на правата на унгарското малцинство во Украина и ги почнаа преговорите со Европската Унија“, рече Филипче.
Говорејќи за историската комисија, Филипче повтори дека таа не може да биде основа за нова или каква било блокада и праша од што тогаш стравува власта.
„Како може да е историската комисија предмет на блокада? Невозможно е тоа. Зошто би била? Историската комисија се охрабрува да работи и треба да одлучува со консензус. Значи, не може некој да ни наметне некое решение за ревизија на историјата, ако нашите членови во Историската комисија не се согласуваат со тоа, ако има таква тенденција, еве да кажеме. Таа комисија решава со консензус“, рече Филипче.
Одговарајќи на новинарски прашања, лидерот на СДСМ се осврна и на темата за предвремени избори, наведувајќи дека тие нема да му бидат алиби на премиерот Мицкоски доколку сака такво нешто. Според него, избори ќе има кога ќе снема пари во државната каса, а пари, како што рече, има сè помалку.
„И оттаму, мислиме дека премиерот така ќе ја прави стратегијата за закажување на следните избори. Едноставно, нема да има пари да издржи оваа влада до 2028 година. Ние не сме му алиби за тоа. Да не бега и да не бара некаков изговор. Кога ќе снема пари, тогаш ќе оди на избори. Тој кажува, потпишала владата бланко хартија, дека никој не водел сметка што се потпишувало и така натаму и така натаму. Ама тоа е бегање од суштината на дискусијата. А што е суштината на дискусијата? Нека каже што е потпишано, кои обврски ги презела владата, нека каже дека е тоа потврдено од Европа“, изјави Филипче.
Тој посочи дека станува збор за документ потпишан со сите земји членки на Европската Унија, а не за документ на владата на СДСМ.
„И што е тоа што тој смета оти е некакво предавство? Тоа е суштинското прашање. А не лажно обвинување, не патриотски говор, не чукање во гради дека сега тој бил тој кој што стои на браникот на државата. Сè е дел од неговата демагогија, добро смислена. Добро смислена да игра на емоцијата на луѓето. Еве ги предавниците, нè донесоа до тука и сега ние ја чуваме државата. Како ја чуваме? Ја носиме во блокада. Анализирај ги документите, кажи каде е, ако има предавство. Што е загрозено? Впрочем претседателката му потврди дека ништо не е загрозено, напротив, дека се потврди идентитетот, јазикот и така натаму. Нека си ја праша Гордана Сиљановска“, изјави Филипче.
Според него, иднината и местото на Македонија се во Европа, а за борбата за правата на малцинствата во други земји постојат и други механизми, како што се Судот за човекови права во Стразбур и Европскиот парламент.
„Прво, тој не се бори за Македонците што живеат тука, зашто луѓето тонат во сиромаштија и немаат европска иднина, а понатаму за Македонците во Бугарија може да бидеме многу посилни кога ќе влеземе во Европска Унија. Е, така ќе се избориме за нив и за нивните права. Кога ќе бидеме рамноправна земја членка во Европска Унија, можеме многу од посилна позиција политичка од оваа сега да ја прашаме Бугарија зошто не ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Така се бори за нацијата“, рече Филипче.
Претходно, лидерот на СДСМ упати критики до владејачката партија и до Владата предводена од Мицкоски за состојбите во економијата, образованието и земјоделството, за кое рече дека е гранка речиси пред изумирање.
Филипче рече дека не случајно кажува оти нацијата е пред колапс, а идентитетот е загрозен, бидејќи ако земјата остане изолирана и не влезе во планирањето на буџетските средства на ЕУ, како држава ќе ѝ останат само програмите „Хорајзон“ и прекуграничната соработка.
„Ние со тоа не може да преживееме. Отиде Црна Гора напред, отиде Албанија напред. Сè е тоа изговор на премиерот. Ако човекот не е сигурен во себе и во својот идентитет и бара заштита, не му е местото да ја води државата“, рече Филипче.
