Венко Филипче се избра за нов претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) на 30 јуни, како што соопшти Централната изборна комисија на партијата, во фер и демократска процедура на внатрепартиски избори. Од излезените нешто над 12 илјади члена, Филипче доби 9 052 гласа.
„На примопредавањето на функцијата, Ковачевски му честиташе на Филипче на изборот и му посака успех во работата и повторно градење на победнички СДСМ. Филипче се заблагодари за честитките, како и за ангажманот на Ковачевски во изминатите години како претседател на партијата и премиер на владата“, велат од партијата.
Ковачевски на 22 мај официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција на партијата, одлука што следуваше по изборниот неуспех на СДСМ на претседателските и парламентарните избори, кога тој најави избор на нов партиски лидер и раководство.
„Следува период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сум сигурен СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но, јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да направиме вистински темелни промени. Промените не можеме да ги лажираме ниту да бидат половични. Граѓаните и нашите членови тоа ќе го препознаат, а така нема да ја вратат довербата. Промените мора да бидат вистински, искрени и истрајни, за да можеме полека, но сигурно да ги освојуваме срцата на граѓаните. Ако успееме во ова, верувам дека СДСМ ќе се врати посилен и ќе продолжи да биде мотор во општествениот напредок“, рече Филипче.
Во декември 2021 година Ковачевски стана лидер на СДСМ, избран на вторите директни внатрепартиски избори, кои се одржуваа како вонредни, по оставката на Зоран Заев. Од вкупно 44 406 члена што излегле на гласање, за него гласаа 37 649 члена.