Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција повторно ја обвини власта дека не ги спроведува уставните измени и со тоа го блокира европскиот пат на земјата. Според него, клучното прашање не е односот со Бугарија, туку исполнувањето на европските барања и договорите поддржани од сите земји членки на Европската Унија.

„Треба да ги исполниме европските барања“

„Ние немаме работа со Бугарија, туку со Европа. Треба да исполниме европски барања, да исполниме договори што ги изгласале сите земји членки на ЕУ, секако вклучувајќи ја и Бугарија. Што имаме ние посебно да разговараме со Румен Радев кога станува збор за нашиот европски пат – ништо. Но, заедно со сите други европски лидери – да“, рече Филипче.

Тој го обвини премиерот дека ја доведува јавноста во заблуда кога тврди дека македонскиот јазик и идентитет се загрозени.

Обвинувања кон премиерот

„Дечкото е лажго, премиерот лаже. Прво, кажуваше дека со владата на Зоран Заев нема да добиеме датум за преговори, па добивме. Кажуваше дека јазикот е загрозен со Преспанскиот договор, дека имало некакви фусноти и така натаму, што излезе дека е лага. Лажеше и дека ќе го поништи и не го признава Преспанскиот договор, за после тоа да каже дека тоа е ремек дело на дипломатијата. Потоа, дека ќе го поништува договорот со Бугарија“, изјави Филипче.

„Македонскиот јазик е чисто наведен во преговарачката рамка“

Филипче посочи дека пред повеќе години во бугарскиот парламент постоела декларација за непризнавање на македонскиот јазик, што, според него, било сериозен проблем. Но, како што додаде, со усвојувањето на Францускиот предлог и преговарачката рамка, македонскиот јазик е јасно наведен и признаен од земјите членки на Европската Унија.

„Со тоа што бугарскиот парламент ја усвои преговарачката рамка за нас, исто како сите земји членки на Унијата, каде што стои чист македонски јазик, паѓа во вода и таа лага на премиерот дека македонскиот јазик е загрозен. Сè е лага што кажува овој човек само за да се одржи на власт“, додаде претседателот на СДСМ.