Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара предложениот нов министер за земјоделство јавно да одговори дали има бугарски пасош и двојно државјанство, оценувајќи дека само кадровска смена нема да ги реши наталожените проблеми во земјоделството.

На средба со земјоделци во Чешиново-Облешево, Филипче рече дека власта до неодамна го бранела досегашниот министер, иако СДСМ поднел интерпелација против него, а само неколку недели подоцна предложила нов кандидат со, како што тврди, спорна биографија.

„Дали поради овој предложен министер не помина предлогот највисоките функционери во Владата да немаат двојни државјанства? Тој треба да каже дали има резервна татковина, односно дали има бугарски пасош“, изјави Филипче.

Тој ја обвини Владата и за незаинтересираност за состојбата на производителите на ориз. Според него, половина од минатогодишното производство сè уште не е откупено и стои во амбарите, без најава за решение.

„Само половина од произведениот ориз е откупен. Остатокот стои по амбарите, а никој не е заинтересиран да го купи. Нема ниту насока за откупните цени и субвенциите за оризот од оваа сезона“, рече Филипче.

Тој предупреди дека неоткупените количества им создаваат сериозни финансиски загуби на земјоделците, а појавата на глувци во складиштата носи и ризик од ширење болести во регионот.