Министерот за правда Игор Филков бара целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција по одлуката да се запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Тој оцени дека ваквата одлука е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем, особено во случај за кој во јавноста постоеја сомнежи за милионски криминал и злоупотреби.
„Одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем. Во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и за злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница“, порача Филков.
Министерот побара од ОЈО ГОКК да објасни врз основа на кои факти и аргументи е донесена одлуката.
„Очекувам целосна транспарентност од ОЈО ГООК. Истовремено и пред да излезе Советот на јавни обвинители со одговор дека будно ја следат состојбата, добро е да знаат дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, додаде Филков.
ОЈО ГОКК вчера, по 14 месеци истрага, ја сопре постапката за набавките на мазут во време на енергетската криза, со образложение дека нема доволно докази и дека државата не претрпела штета.
Истрагата беше отворена по кривична пријава на МВР, во која се тврдеше дека преку спорните набавки е направена штета од над 167 милиони евра и дека постојат сомнежи за перење пари.
