Барселона во четврток вечер објави дека нема да потпише договор со клупскиот капитен поради „економски и структурни пречки“.
На Меси во јуни му истече договорот со Барселона и како слободен играч можеше да побара нов клуб, но желба на двете страни беше да ја продолжат соработката и аргентинскиот фудбалер да остане во клубот во кој дојде на 13-годипна возраст. За таа цел, Меси се согласи на двојно намалување на платата, а даде и согласност Барселона да го усогласи неговиот нов договор со правилникот за финансиски „фер-плеј“ на Ли Лига.
Сепак, тоа на крајот се покажа како неизведливо поради енормно високиот долг на Барселона, кој изнесува повеќе од една милијарда евра.
– И покрај тоа што ФК Барселона и Лионел Меси постигнаа договор и двете страни имаа јасна намера да потпишат нов договор, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки. Како последица на оваа ситуација, Меси нема да остане во Барселона. Двете страни длабоко жалат поради тоа што желбите на играчот и на клубот на крајот нема да бидат исполнети. Барселона изразува огромна благодарност до играчот за неговиот придонес и му посакува сè најдобро на личен и професионален план, соопшти Барселона.
Меси во Барселона дојде на 13-годишна возраст и дебитираше за првиот тим во 2004 година.
Во дресот на каталонскиот клуб Аргентинецот одигра 778 натпревари и постигна рекордни 672 голови во сите натпреварување.
Маси со Барселона освои десет шампиони титули во Шпанија, седум трофеи во шпанскиот куп и четири во Лигата на шампиони.