Катарскиот државен инвестициски фонд го блокирал планираниот договор меѓу германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ и израелската одбранбена компанија „Рафаел Адвансд Дифенс Системс“, проект кој требаше да обезбеди иднина за стотици работни места во фабриката во германскиот град Оснабрик, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.
Според истите извори, Катарската инвестициска управа (QIA), која поседува повеќе од 10 отсто од акциите на „Фолксваген“ и околу 17 отсто од гласачките права, го искористила своето право на вето за да го запре формирањето заедничка компанија што требало да произведува компоненти за системи за противвоздушна одбрана во фабриката чија иднина е неизвесна.
Се наведува дека главниот извршен директор на „Рафаел“, Јоав Тургеман, во мај се сретнал со претставници на германската влада во Берлин и со раководството на „Фолксваген“ во Волфсбург за да разговараат за деталите на планираната соработка. Веста првично ја објави германскиот весник „Билд“.
Според планот, фабриката во Оснабрик требало да престане со производство на автомобили и да се пренамени за изработка на воени компоненти за израелскиот мобилен систем за противвоздушна одбрана „Железна купола“ (Iron Dome).
Од проектот требало да имаат корист и уште две фабрики на „Фолксваген“ преку синџирот на снабдување. Проектилите и клучните компоненти на системот ќе се произведувале во Израел, а потоа ќе се вградувале во воени камиони произведени во Германија.
Односите меѓу Катар и Израел, кои меѓусебно не се признаваат, дополнително се влошија по почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, по нападот на Хамас врз Израел.
Еден од изворите посочил дека постоеле сомнежи дали германската влада воопшто би го поддржала проектот со набавка на воена опрема, бидејќи постојниот систем за противвоздушна одбрана во моментов не бара дополнителни компоненти.
Германскиот повеќеслоен противвоздушен штит веќе ги вклучува израелскиот систем „Ероу 3“ и американскиот „Патриот“ за одбрана од цели на големи височини, додека за пониски височини се користат германските системи IRIS-T и „Скајренџер“.
„Рафаел“ се надеваше дека ќе го искористи значителното зголемување на германските трошоци за одбрана, откако владата на канцеларот Фридрих Мерц ги укина ограничувањата за задолжување за одбранбени цели и најави создавање на најголемата конвенционална армија во Европа.
Во меѓувреме, „Фолксваген“ спроведува обемно преструктурирање насочено кон намалување на трошоците во своите германски фабрики. Меѓу опциите што се разгледуваат се затворање на одредени погони и нивна пренамена, иако претставниците на работниците се спротивставуваат на таквите планови.
