Поддршката од Европската политичка заедница за Украина претставува силна порака за рускиот претседател Владимир Путин, од Даблин до Кишињев, дека нема да толерираме агресија врз суверена земја, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при пристигнувањето на состанокот на Европската политичка заедница во Гранада.

– Ние во ЕУ работиме на пакет од 50 милијарди помош за Украина за периодот 2024-2027, што е многу важно затоа што на Украина и е потребна предвидливост и доверливост и буџетска поддршка, истакна Фон дер Лајен.

Таа изрази надеж дека одлуката на САД за запирање на поддршката за Украина е времена и дека наскоро таа ќе продолжи.

Претседателката на Европската комисија додаде дека една од темите на состанокот на ЕПЗ ќе биде и енергијата, во услови кога Европа е уценувана од Русија.

– Ние се справивме со оваа криза, цените се намалија драстично и најважно е што создадовме заедничка платформа за набавка на гас. Тоа е голем успех, поради фактот што кон оваа платформа не се приклучија само 27-те земји на ЕУ, туку и членки на Европската политичка заедница, како Норвешка, Украина, Молдавија и Србија, истакна Фон дер Лајен.

Со ова, според неа, се намали европската зависност од руските енергенси и лани прв пат ЕУ произведе повеќе електрична енергија од обновливи извори, отколку од гас.

Фон дер Лајен истакна дека на состанокот ќе се разговара и „за Ерменија и за нејзините хуманитарни потреби“, за што ЕУ веќе одвои 5,2 милиони евра помош, но дека ќе работи и на нејзино удвојување, како и на обезбедување на средства за директна буџетска поддршка.

Таа при тоа потсети дека ЕУ ја осуди азербејџанската воена операција во Нагорно-Карабах и повика на обнова на дијалогот меѓу Азербејџан и Ерменија и постигнување мировно решение.