„Северна“ одново е во центар на вниманието
По инаугурацијата на првата жена-претседател и употребувањето на името „Република Македонија“ изоставајќи ја „Северна“ одново се вжешти тензијата на релација Скопје – Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја повика новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова „да избегне слични нелегални и провокативни“ избори и порача дека ратификацијата на трите меморандуми зависи и од тоа колку другата страна ќе се покаже доследна до меѓународните обврски.
Мицотакис вели дека Силјановска Давкова го прекршила законот со некажувањето на „Северна“ при заклетвата за претседател и со тоа го прекршила договорот од Преспа.
Како се следи оваа ситуација во Бугарија?
Оваа тема внимателно ја следат и бугарските медиуми. Редакцијата на Радио Лидер истражи што и како објавуваат бугарските медиуми, а тоа може да го погледнете низ фотографии во продолжение.
Бугарските медиуми известуваат за пристапот на Кирјакос Мицотакис и неговите препораки кон Гордана Силјановска Давкова, како и идната влада предводена од Христијан Мицкоски.
Бугарски медиуми: На Скпоје не му одговара да е изолирано
Прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе одбие да зборува со два гласа на оваа тема ќе биде одлучувачко не само за односите со Грција, туку може да го постави и правецот со Бугарија. Реакциите на соседите и на Западот треба да ги потсетат Силјановска и идниот премиер Христијан Мицкоски дека разликата меѓу претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и сегашното е во тоа што Скопје тогаш беше изолирано; денес, ако го избере конфронтациониот стил, земјата би имала многу да загуби, пишува бугарски Дневник.
Бугарските твитерџии со пофалби до Мицотакис
На Твитер во Бугарија масовно се споделуваат статовите на Кирјакос Мицотакис и, како што пишуваат, дел од Бугарите се со пофални зборови за Кирјакос Мицотакис. Велат дека ова е добро.
Сепак, дел од Бугарите се на „македонска страна“ велејќи дека Грција никогаш не била нивни пријател.
ВМРО-ДПМНЕ и меѓусоседски односи
Останува да видиме како владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се справи со меѓусоседските прашања. Она што јасно наговести лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е дека нема да дозволи газење по националните интереси, а со соседите ќе се фокусира на економијата и меѓународната соработка.