Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски ги провери градежните активности на Универзалната сала со министерот за култура и туризам Седат Сулејмани. Во пресрет на „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ салата треба повторно да ги отвори вратите за уметниците и за публиката, а по реконструкцијата да му биде предадена на управување на Градот.

„Пред нас е голема можност и уште поголема одговорност – „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, напиша градоначалникот.

Според Ѓорѓиевски, ова признание треба да остави трајна вредност за градот, како обновени културни простори, поголема поддршка за творештвото и култура достапна за секој граѓанин.

„Токму затоа, посебно внимание посветивме на подготовките за 2028 година, мапирањето на локациите и културните капацитети, унапредувањето на туристичките потенцијали и поефикасното поврзување на градските и националните установи од областа на културата“, вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот потсетува дека салата е дел од душата на Скопје, симбол на солидарноста во кој растеле таленти, одекнувале аплаузи и се испишувале едни од најубавите страници на скопската културна приказна.

Универзална сала е дел од душата на Скопје. Симбол на солидарноста што го подигна нашиот град и дом на спомени што ги поврзуваат генерациите. Во неа растеа таленти, одекнуваа аплаузи и се испишуваа едни од најубавите страници на скопската културна приказна. Наша заедничка цел е да ѝ ги вратиме сјајот и значењето што ги заслужува. Повторно да биде место на средби, емоции и културни настани со кои ќе се гордееме“, напиша градоначалникот.