Стапи во сила едностраното тридневно примирје во Украина

Од утрово стапи во сила тридневното примирје што еднострано го прогласи рускиот претседател Владимир Путин, по повод 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. За првпат по неколку ноќи, во украинските градови не се слушаа сирени и воздушни напади, јавуваат локални медиуми. Но, украинските власти објавија дека во текот на ноќта имало ново гранатирање и покрај едностраното примирје од Путин. Повеќе може да погледнете од фотографијата која ја овјави Зеленски на својот Фејсбук профил.

Руски напад врз регион во Украина и покрај тридневно примирје од Путин
Руски напад врз регион во Украина и покрај тридневно примирје од Путин

Судирите продолжуваат на источниот фронт

Сепак, украинската армија тврди дека руските сили продолжиле со напади на неколку точки на источниот фронт, додека руски авиони трипати го бомбардирале регионот Суми, на северот од Украина. Од украинските воздушни сили потврдија дека не се забележани проектили или дронови во воздушниот простор на земјата од почетокот на примирјето.

Политички симболи и тензии пред Парадата на победата

Примирјето е дел од симболичните подготовки на Русија за утрешната Парада на победата во Москва, каде што се очекува присуство на 29 странски лидери, меѓу кои и претседателите на Кина, Бразил, Куба, Венецуела и Србија. Од земјите на Европската Унија, ќе присуствува само словачкиот премиер Роберт Фицо.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го отфрли примирјето како „манипулација и театар“, обвинувајќи го Путин за пропаганда пред светската јавност. Тој додаде дека Украина не може да гарантира безбедност на странските делегации што ќе присуствуваат на парадата во Москва.

Безбедносни мерки и загриженост

Во Москва, Кремљ преку портпаролот Дмитри Песков соопшти дека сите неопходни мерки се преземени за мирно одвивање на прославата, додавајќи дека руските служби работат на целосно обезбедување на парадата.

Во меѓувреме, Украина бара 30-дневен прекин на огнот, како дел од повикот за поширок мировен процес. Засега не постои официјален одговор од Москва.