Припадниците на Логистичката база (ЛБ) денеска во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост го одбележаа 20 Мај – Денот на Логистичката база, единица која претставува носечки столб на логистичката поддршка во Армијата.

На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски, заменик-министерот за одбрана, Адмир Шабани, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, командантот на Бригадата за Југоисточна Европа – SEEBRIG, бригаден генерал Билбил Битри, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, претставници на воено-дипломатскиот кор, МВР, локалната самоуправа, команданти на командите и единиците, пензионирани генерали и припадници на единицата и други гости.

-Често зборуваме за успесите, професионалноста и способностите на припадниците на македонската Армија при учество во воени вежби, мировни мисии и активности за зацврстување на безбедноста на Алијансата. Но, зад секој успешно реализиран ангажман стои силна, организирана и функционална логистика, основа на секоја успешна Армија.

Логистичката база има суштинска улога во поддршката на Армијата, од координација на сојузнички сили и реализација на најголемите воени вежби, до прием и распоредување на новата современа опрема.

На Денот на Логистичката база, кој симболично се поврзува и со 150 години од Разловечкото востание, упатувам благодарност до сите припадници за нивната професионалност, посветеност и служба кон татковината и граѓаните, напиша Мисајловски.