Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во реализираните инвестиции и модернизацијата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), каде што беа претставени новите просторни, технички и лабораториски капацитети на институцијата.

Како што информираше директорот на УХМР, Игор Лазаровски, во изминатите две години се реализирани бројни инвестиции насочени кон модернизација на лабораториските, метеоролошките и хидролошките системи, како и кон подобрување на работните услови за вработените.

– Во Управата за хидрометеоролошки работи, во изминатите две години, се реализирани активности и инвестиции насочени кон модернизација на институцијата, подобрување на условите за работа, зајакнување на техничките и оперативните капацитети, како и унапредување на системите за метеоролошко, хидролошко и лабораториско следење – рече Лазаровски.

Фото: Влада
Фото: Влада

Посочи дека во рамки на ИПА-проект во Секторот за квалитет на води, набавена и ставена е во функција современа лабораториска опрема со вкупна вредност од 671.000 евра. За потребите на оваа нова опрема, додаде, со буџетски средства целосно биле реновирани и адаптирани околу 200 метри квадратни лабораториски простор, согласно потребите, стандардите и условите за работа.

Дополнително, Лазаровски нагласи дека во објектот на УХМР е извршена целосна реконструкција за реновирање на 200 метри квадратни простор за поставување нов прогностичко-синоптички центар. Инвестицијата е во вредност од околу 250.000 евра и е реализирана со средства обезбедени од швајцарската влада, со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Фото: Влада

–Со ова значително се подобруваат условите за следење, анализа и навремено прогнозирање на опасни временски појави и издавање предупредувања … Во рамки на проектот поддржан од швајцарската влада, исто така добиени се и две возила на користење, во вкупна вредност од околу 70.000 евра, со што значително се подобрија теренските капацитети на институцијата – рече Лазаровски.

Со средства од буџетот, во објектот на УХМР на Зајчев Рид, тој истакна дека била извршена реконструкција и на над 400 метри квадратни. – Беше заменет дотраениот под и комплетно обновен со нови плочки, а осветлувањето е заменето со современи ЛЕД-панели и светилки. Просторот е целосно реновиран, со што значително се подобрени условите за работа на вработените – истакна Лазаровски и додаде дека метеоролошкиот радар во Ѓуриште е целосно дигитализиран, а воедно реновирани се и објектите на УХМР во Охрид, Прилеп и Битола.

Со ова, рече, се овозможува посовремено следење на атмосферските процеси, подобра детекција на опасни временски појави и унапредување на системите за рано предупредување.

Фото: Влада

Претседателот на Владата, Мицкоски, оцени дека презентираните резултати се импресивни и најави апсолутна поддршка за понатамошниот развој на институцијата, но, како што рече, она што претставува предизвик е стручниот кадар.

– Денеска имавме можност да се запознаеме со сето она што во изминатиот период е направедено во Управата за хидрометеоролошки работи. Тоа што го кажа директорот е навистина импресивно. Мојата поддршка е апсолутно неограничена, бидејќи инспирира работата на луѓето кои се мотивирани да создаваат … Но, стручниот кадар е нешто што е многу важно. Се надевам дека во периодот што следи, покрај опремата која веќе е инсталирана, ќе обезбедиме кадар кој ќе може да работи на таа соодветна опрема и ќе може да добива соодветни резултати кои ни се потребни за да креираме стратегија и политика – рече Мицкоски.