Осумнаесет нови возила, обезбедени како донација од Европската Унија, денеска беа промовирани за потребите на Државниот инспекторат за транспорт. Министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Александар Николоски, изјави дека новата опрема ќе му овозможи на Инспекторатот побрзо да реагира и да биде присутен на секоја точка низ државата, пренесе Курир.

Контроли на камиони, автобуси и опасни стоки

Донацијата опфаќа 16 специјално опремени патнички возила и две возила за следење, како и адаптирано комбе што ќе служи како контролен центар. Со новите возила ќе се контролира прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни стоки и работењето на автобускиот превоз. Според Николоски, поефикасниот надзор треба да придонесе за поголема безбедност, но и за подобра заштита на патната инфраструктура.

Фото: Курир

Непочитувањето на правилата ги оштетува патиштата

Николоски нагласи дека покрај изградбата на нови патишта, неопходно е да се води грижа и за нивното одржување. Тој посочи дека преоптоварените товарни возила и непочитувањето на правилата се меѓу главните фактори за оштетување на патиштата, поради што засилените контроли треба да го продолжат векот на инвестициите. Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека возилата се опремени со современа ИТ-опрема и најави дека наскоро се очекува уште една донација.