Се смири силниот ветер и повторно е загаден воздухот во речиси сите градови во Македонија, а Скопје моментно е на 4 место на светската листа на градови на IQair со најзагаден воздух и со индекс на загадување од 163!

Мерните станици на Министерството за животна средина веќе четири дена покажуваат надминувања на безбедната среднодневна концентрација на прав (ПМ10), која не смее да биде повисока од 50 микрограми на кубен метар воздух, но на ниедно место нема доволно високо загадување за да бидат воведени мерки, затоа што не е надминат прагот за алармирање од 150 микрограми на кубен метар воздух два дена по ред.

Во Скопје викендов најзагадено беше во Лисиче, со дневна концентрација на прав од 159 микрограми на кубик во саботата и 113 во неделата, а часовните коцентрации во овој реон се искачуваа дури до 400 мцг/м3.

Во западната зона најзагадено беше во Кичево каде во саботата вредноста на ПМ10 беше 147 мцг/м3, а вчера 103.

Не заостанува ниту рекорерот за оваа сезона, Струмица, која е најзагаден град во источната зона. Таму во петокот дневната вредност на ПМ10 изнесуваше 144 микрограми на кубик воздух, во саботата 132, а вчера 110. Високо загадување има и во Велес. Во овој град од 8 февруари, заклучно со 11 февруари дневната вредност на прав е над 100, а највисока била на 9 февруари, 148 микрограми на кубик воздух.

Мерните станици во Куманово, Кочани и во Гевгелија сè уште не работат и жителите на овие градови зимава немаат податоци колкаво е загадувањето во нивната околина. Во периодите додека работеше кумановската станица, покажуваше највисоки вреднисти на прав од сите градови во Македонија.