Како што соопштија денеска од МВР, по повеќемесечно криминалистичко истражување спроведена е координирана полициска акција од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во координација со СВР Битола и СВР Тетово, под раководство на надлежен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, денеска биле извршени претреси во дом и други простории на вкупно 10 локации (девет на подрачјето на Битола и една на подрачјето на Тетово), при што од слобода се лишени и приведени осумте лица.
– Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културно наследство при ОСОСК во текот на денешниот ден до ОЈО за ГОКК ќе поднесе кривична пријава против К.Т. (71) и Д. Р. (60) од Битола за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.1), „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.265 ст.1), „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.266 ст.2 в.в со ст.1), „прикривање“ (чл.261 ст.3 в.в со ст. 1 и 2) и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.264 ст.2), додека против З.Т. (48), Н.Л. (43), С.К. (63), Ѓ. П. (65), П.М. (48), сите од Битола и Б.К. (53) од Тетово за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2), „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.265 ст.1), „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.266 ст.2 в.в со ст.1), „прикривање“ (чл.261 ст.3 в.в со ст.1 и 2) и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.264 ст.2) од Кривичниот законик, се појаснува во соопштението од МВР.
При извршените претреси, кај Д.Р. биле пронајдени две ловни пушки со патрони, а кај Б.К. пиштол, поради што кривично се пријавени и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи (чл.396 ст.1) од КЗ.
Во периодот од мај 2020 К.Т. и Д.Р. со цел стекнување противправна имотна корист, присвојување и изнесување во странство предмети што претставуваат добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, создале злосторничко здружение во кое како членови, континуирано или повремено, партиципирале останатите шестмина приведени.
При извршените претреси, се пронајдени и одземени метал детектори, стари монети, поголем број археолошки предмети во разни форми и димензии од метал, камен и глина, виолина со неидентификуван временски период на производство и потекло, скици, мапи, возило, лап-топ компјутер, мобилни телефони, две ловни пушки со патрони, пиштол и други предмети.
Во своите активности, стои во соопштението од МВР, тие соработувале и со лица во Грција, Албанија и Хрватска во врска со продажба и изнесување во странство на археолошки предмети, природни реткости и благородни метали, пронајдени од нивна страна и посредувале при продажба и изнесување во странство на предмети што претставуваат добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости пронајдени од други лица.