Македонија со својата принципиелна надворешна политика базирана на дијалог и компромис, како домаќин на овој настан, е препознаена како кредибилен партнер на меѓународната заедница, порача премиерот Ковачевски по пречекот на Ескобар, објави 360 степени.

И специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник-државен секретар на САД, Габриел Ескобар, вечерва пристигна во Охрид, каде утре ќе се одржи нова рунда од дијалогот помеѓу Белград и Приштина.

Домаќин на средбата ќе биде премиерот Димитар Ковачевски кој вечерва објави фотографии од пречекот на Ескобар, кој во Охрид е во придружба на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер. Од македонската влада, таму уште се присутни и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„Добредојде за специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар. На кратката средба пред почетокот на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, разговаравме за фактот дека Северна Македонија со својата принципиелна надворешна политика базирана на дијалог и компромис, како домаќин на овој настан, е препознаена како кредибилен партнер на меѓународната заедница. Поддршката од нашиот стратешки партнер САД е исклучително важна во овој процес“, порача Ковачевски.

Во Охрид треба да пристигнат и српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, а средбата се одвива под покровителство на ЕУ.

Претходно, Ковачевски отпатува за Охрид од Скопје во придружба на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Борел и Лајчак денеска во главниот град имаа средби со државниот врв, а високиот претставник на ЕУ ја предводеше европската делегација на состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија.