Голем пожар попладнево го зафати Пехчево. Гори шумата над градот, а како што велат граѓани, се шири кон Берово. Иако властите уверуваат дека состојбата е под контрола, сепак локалните жители на Пехчево се жалат од големите пожари и бараат помош.

Градоначалникот на Пехчево Звонко Пекевски на својот фејсбук профил напиша дека ситуацијата е сериозна и огнот се шири кон најблиските села.

– Пожарот е високо на шумските предели на селата, но се шири на голема површина. На терен се пожарните единици од Берово и Пехчево како и Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Се апелира до месното население кон масовно вклучување во гаснењето на пожарот, како би се намалиле последиците и штетите би биле помали“, напиша Пекевски на Фејсбук.

Поради исклучително високите температури на воздухот, веднаш по пристигнувањето на 5-те хеликоптери на местото на големиот шумски пожар, командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување поради ризично зголемување на работната температура, информираше директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на неговиот фејсбук профил.