Со транспаренти „Секогаш во нашите срца Јаничка“, „Формалности ни го водат здравството“, „Какви реформи“, „Сите сме Јана“, „Купена диплома слугува на народот“, „Зошто јагнето божјо ни го јадовте волци“, „Немаме солзи да ви ги исплачиме гревовите“, битолчани бараат правда и одговори од што почина петгодишната Јана Христова. Тие од плоштадот Магнолија прашаа: „Уште колку здрави деца како Јана треба да умрат“. Игор Петковски, кум на починатото девојче, посочи дека на плоштадот излегле за да изразат и поддршка кон семејството.
„Пораката која сакаме да ја упатиме е првично дека стоиме позади секој кој го кажа семејството Христовски. Стоиме зад нив, поддршката наша ја имаат, секогаш, затоа што веруваме дека тоа што го изјавуваат таа е вистината. Многу луѓе, односно институциите сакаат да го прикажат сомнеж но ние не веруваме дека тие се сомневаат. Тие ја кажуваат вистината. Народот и граѓаните во тоа што се сомневаат – тоа се институциите. Од сите анкети, народот не им верува на институциите, особено на Министерството за здравство, ДСЗИ, но како и да е, ние сепак ќе почекаме. Најважно за нас е обдукцијата. Од тие резултати ќе видиме како делуваме од наодот и Обивнителството, кажа Игор Петковски, кум на Јана.
Меѓу присутните имаше и многу деца. Тие со себе имаа и транспаренти со пароли како: „Сложни доктори и во петок закопуваат“, „Ако немаш пријател умри си“, „Јана стана ангел чувар на сите други деца…“, „Безгрешен доктор според ДСЗИ не постои“.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, каде почина петгодишната Јана Христовска. Здравствените инспектори, констатирале дека на девојчето му била дадена глукоза заедно со фисиолошки раствор – но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите кои го третирале девојчето. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.
Протест под мотото „Правда за Јана“ имаше и во Скопје.