Носителот на листата на француската опозициска конзервативна партија Републиканци (ЛР) за претстојните европски избори Франсоа-Ксавиер Белами изјави дека нема да ја поддржат кандидатурата на Урсула фон дер Лајен за втор мандат на функцијата претседател на Европската комисија.

– Не ја поддржавме во 2019 година. Нема да ја поддржиме ни на претстојните избори, изјави Белами за радиото Франс Интер, додавајќи дека пред пет години Фон дер Лајен била „кандидат“ на францускиот претседател Емануел Макрон.

Белами истакна дека она што е постигнато за време на мандатот на Фон дер Лајен „не одговара на она што Европа го очекува денес“, додавајќи дека од 2019 година во Европскиот парламент е формирано мнозинство што го сочинуваат широк спектар на европратеници од „екстремната левица до макронисти“, кои и служеле на „агендата на ограничувања, сложеност и контрола, особено за земјоделските прашања“.

– Дојде време ново мнозинство во Европскиот парламент да ги врати работите на вистинскиот пат, потенцира Белами.

Републиканците (ЛР) се членка на Европската народна партија (ЕПП) од чии редови е и Фон дер Лајен, која во понеделникот на собир на нејзината матична германска Христијанско демократска унија (ЦДУ) во Берлин ја најави својата кандидатура за втор мандат на местото претседател на Еврокомисијата.

Таа веќе доби поддршка од неколку лидери на партиите членки на ЕПП, вклучително и од премиерите на Полска, Доналд Туск, на Грција, Кирјакос Мицотакис, на Финска, Петри Орпо, на Шведска, Улф Кристерсон, на Летонија, Евика Силиња и на Литванија, Ингрида Шимоните.

Официјалната номинација на Фон дер Лајен би требало да биде потврдена на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), што ќе се одржи на 6 и 7 март во Букурешт.

Според најновите анкети, на евроизборите во Франција ЛР би освоила околу осум отсто од гласовите, зад екстремно десничарскиот Национален собир (РН), кој ужива поддршка на околу 27 проценти од избирачите, либералниот блок на Ренесансата на Макрон со 19 отсто и Социјалистичката партија (ПС) со околу 10 проценти.