Мерката е дел од поширок владин план за борба против трговијата со дрога
Француската Влада воведува ненајавени и задолжителни тестирања за дрога кај високи државни службеници и лица кои подлежат на безбедносни проверки, како дел од новите мерки во борбата против наркотиците.
Според француските медиуми, повикувајќи се на циркуларно писмо испратено до министерствата, проверките ќе опфатат вработени во министерските администрации, како и лица кои извршуваат функции поврзани со Владата. Тестирањата ќе се спроведуваат преку орални тестови, односно анализи на плунка за утврдување употреба на наркотични супстанции.
„Државата не може да води јасна политика против трговијата со дрога и нејзините општествени последици, а самата да не се придржува до истите правила“, пренесува весникот „Монд“ став на француската Влада.
Предвидени се дисциплински мерки
Доколку некој од тестираните добие позитивен резултат, надлежните институции ќе треба да ги проценат можните дисциплински последици. Истовремено, на вработените ќе им биде понудена можност за упатување во здравствени установи.
Телевизијата „ТФ1“ објави дека пред три недели била спроведена изненадна проверка во Матинјон, официјалната резиденција на францускиот премиер, при што не била утврдена употреба на дрога кај премиерот и неговите соработници.
Мерката е дел од владин план што опфаќа околу 50 иницијативи насочени кон сузбивање на трговијата со дрога. Според весникот „Еко“, тестирањата претставуваат само една од предвидените активности.
Дел од јавноста ја критикува одлуката
Француските медиуми наведуваат дека потегот можеби бил поттикнат и од случајот од декември минатата година, кога лице од опкружувањето на премиерот било отпуштено поради предозираност.
Во меѓувреме, мерката предизвика и критики. Пратеник од владејачката центристичка коалиција и поранешен министер оцени дека ваквите проверки можат да ја нарушат довербата меѓу државата и нејзините службеници.
Според него, третирањето на државните службеници како потенцијални осомничени негативно влијае и врз работната атмосфера во администрацијата и врз довербата на јавноста во политичката класа.
Франција со години води интензивна борба против трговијата со дрога, особено во поголемите градови како Париз и Марсеј, а властите предупредуваат дека количините кокаин што пристигнуваат преку Шпанија и француските пристаништа и понатаму растат.
