Несовесни граѓани исфрлија кабаст отпад среде шумскиот предел во Националниот парк Галичица, создавајќи дива депонија на заштитено природно подрачје.

Очевидци снимиле патнички автомобил натоварен со повеќе душеци цврсто врзани на покривот од возилото како се движи по патот што води кон охридското село Велестово, длабоко на територијата на Националниот парк Галичица. По пристигнувањето во близина на обичен контејнер за комунален смет, возачот ги растоварил и ги оставил двата гломазни душеци на отворен простор, по што го напуштил местото.

Оваа појава не претставува изолиран случај во охридскиот регион, и покрај фактот што јавното претпријатие „Охридски комуналец“ има однапред објавен распоред и календар за организирано бесплатно подигање на кабастиот отпад од пред домовите и улиците.