Дел од грешките доаѓаат од неправилно пријавување во помали фирми

Фондот за здравствено осигурување работи на изнаоѓање техничко решение за надминување на проблемите при исплатата на породилното отсуство, изјави директорот Сашо Клековски при денешната посета во Прилеп.

Тој објасни дека дел од тешкотиите се јавуваат поради тоа што помали компании не прават разлика меѓу пријавување патолошка бременост и породилно отсуство, што директно влијае врз висината на надоместокот.

„Бараме техничко решение како тоа да се надмине, меѓутоа за разлика од другите исплати, овие се фреквентно променливи и некогаш процесите не се следат соодветно. Дел од проблемите што настануваат се, посебно од помалите фирми кои не прават разлика помеѓу пријавувањето на патолошка бременост и на породилен надомест. Разликата е во тоа што за едните надоместот е 70, а за другите е 100 проценти. А за тоа мора да се поднесе ново барање. Само овој месец имавме 10-тина случаи на жалби и констатиравме дека е побаран надомест за патолошка бременост, а не е испратен документ дека родилката е на породилно отсуство. Работиме на тоа, ние постојано се извинуваме за непријатностите, меѓутоа се трудиме да најдеме техничко решение за да го олесниме процесот и на пријавување и на исплата“, изјави Клековски.

Рачни процедури и милионски исплати

Клековски нагласи дека системот за исплата функционира со рачна верификација во одредени фази, особено на почетокот и крајот на отсуството.

Според него, подрачните служби ги проверуваат барањата, по што тие се проследуваат до централата во Скопје за исплата. Како што рече, исплатите се вршат континуирано, согласно пристигнатите барања.

Тој додаде дека само минатиот месец биле исплатени 511 милиони денари за боледувања, додека минатата година за породилни боледувања биле исплатени 72 милиони евра.

Клековски зборуваше во Прилеп каде што присуствуваше на промоција на нова медицинска опрема во болницата.