Делегациите на Полска и Исланд на „Евровизија“ кои настапуваат во второто полуфинале на 20 мај, се во изолација бидејќи некои членови во тие делегации беа позитивни на коронавирусот. Во случај да останат во изолација, наместо перформансите на претставниците на тие земји, ќе се прикаже однапред снимената резервна изведба.

Според правилата на овогодинешното натпреварување, сите натпреварувачи претходно снимаа резервни настапи, кои ќе бидат прикажани доколку поради некоја причина не можат да настапат во Ротердам.

Според сегашните податоци на обложувалниците, најголем фаворит за победа е Италија и нејзиниот претставник – групата „Манескин“ со песната „Ziti e buoni“. Оваа година, 39 земји учествуваат на Евросонгот. Првите три фаворити се Италија со 22 отсто, Франција со 20 и Малта со 12 отсто.

До неодамна, Малта беше најголем фаворит за победа, но состојбата се смени по првата проба, кога нивниот претставник доби лоши критики за костумите и перформансите.

На четвртото место е Исланд, а следуваат Кипар, Бугарија, Швајцарија, Украина, Литванија, Грција, Русија, Шведска, Финска, Сан Марино и Норвешка.