По членството во EBU, Канада доби право да учествува на најголемиот европски музички спектакл

Канада официјално ќе дебитира на Евровизија во 2027 година, кога музичкиот натпревар ќе се одржи во Бугарија. Потврдата ја објавија Европската радиодифузна унија (EBU) и канадскиот јавен сервис CBC/Radio-Canada, со што земјата ќе стане првата нова воневропска учесничка по Австралија.

Одлуката беше соопштена на Денот на Канада, само една недела откако CBC/Radio-Canada стана полноправна членка на EBU. Со тоа канадскиот јавен сервис доби право да учествува на едно од најгледаните музички натпреварувања во светот.

Претседателката и главна директорка на CBC/Radio-Canada, Мари-Филип Бушар, оцени дека ова е голема можност канадската култура да се претстави пред милионска меѓународна публика.

„На Денот на Канада, додека го славиме богатството и разновидноста на нашата култура, со големо задоволство потврдуваме дека најголемиот светски музички телевизиски настан го носиме и пред канадската публика“, изјави Бушар.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Eurovision Song Contest (@eurovision)

Канада веќе има силна врска со Евровизија

Иако досега никогаш не настапила како држава, Канада има значајно место во историјата на Евровизија преку своите музичари.

Најпозната е Селин Дион, која во 1988 година победи претставувајќи ја Швајцарија со песната „Ne partez pas sans moi“, победа што ја означи нејзината светска кариера.

На евровизиската сцена настапија и канадските пејачки Наташа Сен-Пјер, која ја претставуваше Франција во 2001 година, како и Ла Зара, француската претставничка во 2023 година.

Популарноста на Евровизија во Канада значително порасна во последните години. На овогодишното издание, канадските гледачи беа меѓу најактивните во гласањето во категоријата „Остатокот од светот“, а голем број љубители на натпреварот отпатуваа во Виена за да ги следат полуфиналните вечери и финалето.

Како ќе биде избран првиот канадски претставник сè уште не е познато, а деталите ќе бидат соопштени дополнително.

Одлуката има и политичка димензија

Директорот на Евровизија во рамки на EBU, Мартин Грин, изјави дека Канада одамна има посебна поврзаност со натпреварот и дека нејзиното приклучување претставува природен чекор.

„Канадските уметници со години оставаат силен впечаток на нашата сцена. Со нетрпение очекуваме Канада сега, како полноправна членка на EBU, да ги донесе својот глас, креативност и енергија на Евровизија 2027 во Бугарија“, изјави Грин.

Идејата Канада да стане дел од Евровизија се појави уште во 2022 година, кога EBU планираше да организира посебен натпревар „Eurovision Canada“, но проектот тогаш не беше реализиран.

Темата повторно стана актуелна по доаѓањето на власт на канадскиот премиер Марк Карни, кој се залага за зајакнување на политичките и економските односи со Европа.

Канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ претходно оцени дека учеството на Евровизија ќе биде значајна можност за промоција на земјата.

„Станува збор и за заштита на нашиот идентитет. Сакаме да го зачуваме нашиот суверенитет, но и да им дадеме поддршка на уметниците, бидејќи Канада има многу што да му понуди на светот“, порача Шампањ.