Еднаквата почит меѓу пратениците, без разлика на политичката припадност, мора да биде темелот врз кој ќе се гради довербата на граѓаните во институциите, порачува претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА. Според него, односот што го имаат избраните претставници меѓу себе директно се рефлектира врз тоа како јавноста ја доживува законодавната власт.

Ако пратениците не покажуваат почит едни кон други, вели Гаши, тогаш не може да се очекува ниту граѓаните да ја почитуваат институцијата. Оттука, нагласува тој, започнува сè – од односот во Собранието, па сè до пошироката општествена клима.

Тој посочува дека политичките разлики се природни и треба да постојат, но не смеат да прераснат во непремостливи линии. Наместо барикадирање во сопствените позиции, според него, потребни се дијалог и аргументирана дебата за да се дојде до заеднички решенија кои ќе бидат во интерес на сите граѓани.

Во пораката што ја упатува до пратениците и до јавноста во пресрет на новата година, Гаши изразува очекување за подигнување на политичката култура и меѓусебната почит. Тој повикува да се вратиме на основните човечки вредности што се учат уште од детството – почит, респект, толеранција и љубов кон колегите и луѓето со кои се работи секојдневно – и тие, како што нагласува, треба да преовладуваат.

„-Премногу негативна енергија имаме, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почита, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн“, посочува Гаши.

Африм Гаши се осврна на работата на Собранието во изминатата година

Осврнувајќи се на работата на Собранието во изминатата година, претседателот информира дека, според истражување на јавното мислење, за првпат по десет години е регистрирано подобрување на перцепцијата на граѓаните за Парламентот. Сепак, тој укажува дека останува сериозен предизвик честата употреба на скратената постапка за носење закони, што, како што вели, мора да се намали и на што постојано ќе укажува.

Како едно од можните решенија, Гаши го наведува воведувањето календар за работа на Собранието, кој треба да биде донесен во јануари. Со таков календар, Владата, предлагачите на законите, министерствата и администрацијата би можеле однапред да планираат кога законите ќе се доставуваат во парламентарна процедура.

„– Прво, веднаш планираме во јануари да донесеме календар. Ќе предложиме на координација, календар на активности и на пленарни седници по кои ќе комуницираме со Владата, и тие ќе знаат точно кои месеци, кои денови точно ние планираме пленарни седници. Кога сакаат да им се донесе закон, ќе знаат точно кога да го пратат. И ќе треба сензибилизација. Јас мислам дека не е работата само до Владата. Имаме, за жал, неквалитетна или недобра култура во однос на меѓуинституционалната работа помеѓу ресорите и службите што работат во министерствата, и во Собрание. За 34, 35 години така се научени побрзо да ги завршат работите. Мислат дека Собранието треба да биде гласачка машинерија за носење на закони. Тој пристап мора да се смени“, потенцира Гаши.