Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески спречил обид за нелегално истурање на градежен шут на дива депонија во Ново Лисиче од камион со натпис од фирмата „ХСА-Констракшн“. Тој објави видеоснимка на Фејсбук на која се гледа како бара инспекција и полиција, додека возачот на камионот кој го истовара шутот му дава телефонски да се слушне со газдата на фирмата.
Од општината велат дека е пријавено во МВР и дека е направен записник. На местото веднаш излегол инспектор за животна средина од Општина Аеродром, а во понеделник ќе биде повикана фирмата на која ќе ѝ биде врачен записник и решение за казна за загрозување на животната средина.
„Граѓанин пријавил дека, додека се движел кон Долно Лисиче, после мостот на река Вардар од лева страна, забележал товарно возило со скопски регистарски ознаки со натпис на правно лице, како на јавна површина истура шут и градежни материјали, по што веднаш пријавил во полиција и во Општина Аеродром. Возилото заминало пред пристигнување на полициски службеници. На местото на настанот била присутна и инспекторка за животна средина од општина Аеродром која извршила фотографирање и појаснила дека преку општината ќе преземат мерки за настанот“, информира МВР.
Најниската казна е 9.000 евра, а највисоката над 80.000 евра во зависност од тоа за каква фирма станува збор.
Газда на фирмата „ХСА-Констракшн“ е Харис Качапор, кој е добро познат на обвинителството и на полицијата. На Качапор во моментов му се суди за смртоносното прегазување на поранешниот директор на ОХИС, Јорго Ќука. Тој е обвинет за тешки дела во сообраќајот за кое е предвидена казна од четири до 20 години затвор.
Сообраќајката се случи на 3 ноември на булеварот Гоце Делчев, а Качапор тогаш го остави возилото, по што полицијата го уапси неколку часа подоцна. Полицијата го пронајде во болница, пришто Качапор се правдаше дека отишол на лекар и не избегал од местото на несреќата. Откако беше приведен, му беа изречени мерки на претпазливост.
Качапор е претходно осудуван. Се гонеше во предметот „Синџир“ за делата „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари“, а организатор на операцијата беше Љупчо Пецов Ѓаволот, тогаш во бегство. Качапор се спогоди со обвинителството и доби условна казна и требаше да врати пари во буџетот.
Фирмата „ХСА-Констракшн“ е од селото Батинци и формирана е во 2014 година. Дејноста ѝ е изградба на други објекти од нискоградба. Во 2025 година, според податоците на Бизнис мрежа, имала добивка од 359.000 евра.
(ВИДЕО) Митески спречи нелегално истурање градежен шут во Ново Лисиче
Извор: Plusinfo
