Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, е нов потпретседател на СДСМ. Централниот одбор на партијата го избра на синоќешната седница. По изборот, тој порача дека враќањето на довербата кај граѓаните бара сплотеност, меѓусебна доверба и заедничка работа на партиските членови.
Во обраќањето, Герасимовски нагласи дека единството не подразбира сите во партијата секогаш да имаат ист став. Според него, различните мислења треба да придонесат за зајакнување на СДСМ, наместо да создаваат поделби, а заедничките принципи и социјалдемократските вредности да останат основа за дејствување.
– Не мора секогаш да мислиме исто. Не мора секогаш да се согласуваме. Но мора да знаеме што нè спојува. Тоа се нашите принципи, одбраната на социјалдемократијата и борбата за достоинствен живот на граѓаните. Само сплотени можеме силно да се спротивставиме на режимот на ДПМНЕ. Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности. И само сплотени можеме повторно да ја вратиме довербата на граѓаните – рече Герасимовски.
Како прв чекор кон обновување на довербата на граѓаните, тој ги посочи почестите разговори меѓу членовите, подготвеноста меѓусебно да се слушаат и заеднички да работат. Притоа повика на вклученост на секој член, нагласувајќи дека партиската сила произлегува од луѓето.
– Нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за стоење настрана и чекање некој друг да ја заврши работата. Секој е важен. Секој е потребен. Силата на СДСМ никогаш не била во еден човек. Силата на СДСМ била во луѓето – рече тој.
Герасимовски им се заблагодари на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и на сопартијците за укажаната доверба.
