Во деновите по изборите, другите партии што влегоа во парламентот веќе изјавија дека нема да ја поддржат владата на ГЕРБ. Покрај Има таков народ на Слави Трифонов, Демократска Бугарија, Исправи се! Мутри надвор и БСП соопштија дека нема да поддржат влада на ГЕРБ, а тоа изненадувачки го направи и премолчениот сојузник на Борисов, партијата на Турците, ДПС.
– Обидот ГЕРБ да биде заобиколен при составувањето на Владата може да доведе до криза. Повеќе од една четвртина од гласачите беа за ГЕРБ, рече поранешниот шеф на дипломатијата, Даниел Митов.
Бугарскиот претседател Румен Радев потпишал указ за свикување на новоизбраното 45-то Национално собрание на првата седница на 15 април 2021 година, во 9:00 часот, објави прес-службата на шефот на државата. Утре на 14 април се очекува указот да биде објавен во вонредно издание на Државниот весник, се додава во соопштението.