Во пресрет на третиот натпревар на Германија во групата од Европското првенство против Унгарија во Минхен во среда, градските советници во главниот град на Баварија предложија Алијанц арената да биде осветлена во боите на виножитото.

– Минхен ги поддржува различностите, толеранцијата и вистинската еднаквост во спортот и во општеството, гласи заедничката иницијатива на сите шест фракции на градскиот совет во Минхен, упатено до градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер.

Од Советот истакнаа дека на натпреварот меѓу Германија и Унгарија, сакаат да испратат видлива порака на солидарност со ЛГБ заедницата во Унгарија.

Инаку, на 15-ти овој месец, парламентот на Унгарија изгласа со 157 спрема 1 во корист на новите закони кои предвидуваат забрана за споделување на информации кои промовираат хомосексуалност или тн. „небинарни родови идентитети“ кај лица под 18 години. Целта на оваа серија закони е да се заштити младата популација од пропаганда, велат во Унгарија.