Премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју за ТВ Клан откри дека германската компанија ВПД (WPD) доставила документ за стратешка инвестиција за изградба за ветерен парк на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка од 400 мегавати, што според претседателот на Владата, вложувањето би изнесувало 500 милиони евра.
Заев во саботата претставувајќи го Интервентниот план за инвестиции, соопшти дека е пронајден првиот стратешки инвеститор на земјата кој ќе вложи 500 милиони евра во изградба на ветерна електрана од 400 мегавати и чие име треба допрва да биде обелоденето, а тој ќе биде прв таков во рамки на Законот за стратешки инвестиции кој треба да биде изгласан во Собранието.
„Следен проект е германската инвестиција за 400 мегавати ветерна електрана во вредност од 500 милиони евра, инвестиција согласно законот за стратешки инвестиции. Инвеститорот го достави целиот пакет на документација во Владата и веќе завршуваат финалните преговори. Позитивно е тоа што овде немаме обврска ниту за фидинг тарифи, ниту за премиуми. Се работи за инвеститор кој има веќе 5 000 мегавати изградено од кои што овде на Балканот се 500 мега-вати ветеренци. Ќе направиме се да постигнеме договор и да влеземе во Парламентот со Законот за стратешки инвестиции“, рече премиерот на прес-конференцијата во саботата.
Во вчерашното интервју за ТВ Клан тој рече дека инвестицискиот план кој го претстави во саботата би се остварил затоа што процедурите и документацијата се во фаза во која даваат доверба. Нагласи дека станува збор за процес на кој, како што вели, се работело подолго време, но дека сега се создадени услови да биде соопштен пред јавноста.
„Имаме писма, документи, сме дошле до одредена фаза, донесена е одлука на Влада за усвојување на сите тие проекти и дадени се задолженија на институциите да влезат во финализација на правните документи за да почнат со реализација ваквите инвестиции“, истакна Заев.