Банките и полицијата алармираат: Нов „cash trapping“ метод ги остава парите заробени во банкоматот
Граѓаните повторно се на удар на измамници кои со нови и сè пософистицирани трикови им ги празнат сметките. Овој пат, мета се корисниците на банкомати, а целта – готовината која тие мислат дека машината „не ја исплатила“.
Германската банка „Шпаркасе“ предупредува на свеж бран на измами познат како „cash trapping“. Измамниците поставуваат скриена пречка во отворот за исплата на банкноти, со што готовината останува заглавена внатре. Корисникот мисли дека банкоматот е во дефект и си заминува, а измамниците подоцна ја земаат целата сума.
„Доколку вашите пари ‘заглават’, никако не си заминувајте. Проверете го отворот за исплата и веднаш информирајте ги вработените или полицијата,“ апелираат од банката. Во надворешните банкомати на „Шпаркасе“, граѓаните се повикуваат веднаш да ја контактираат филијалата, а ако таа е затворена – да се јават во полиција.
Полицијата во Мекленбург – Западна Померанија веќе регистрирала случај на манипулиран банкомат на островот Риген. Банки воведуваат дополнителни мерки – механички заштити и видеонадзор – но и покрај тоа, ризикот останува.
Измамите не застануваат тука. „Европол“ неодамна уапси неколку членови на романска група која украла речиси 600.000 евра од банкомати во Романија и Велика Британија со методот „поништување на трансакцијата“. Принципот е едноставен: се започнува исплата, а во моментот пред банкоматот да ги исфрли парите, трансакцијата се поништува. Системот регистрира отказ, но готовината веќе е надвор – и лесно достапна за крадецот.