На помалку од две недели пред почетокот на самитот на светските лидери од Г7 во Баварија, Германија воведе дополнителни проверки на своите граници, јави ДПА.

-Официјални лица се обидуваат да ги спуштат ограничувањата на минимум, изјави денеска полицискиот портпарол, додавајќи дека се преземаат мерки да се спречи влез на потенцијални сторители.

Се вршат проверки на влезните рути кон Германија, како и на возовите и туристичките рути долж границата.

Лидерите на земјите од Г-7 (Германија, Франција, Британија, Италија, САД, Канада и Јапонија) ќе се сретнат во замокот Елмау меѓу 26 и 28 јуни.

Проверките на внатрешната граница на ЕУ меѓу Германија и Австрија всушност се вршат од есента 2015 година поради тогашната мигрантска криза. Привремената суспензија на Шенгенскиот договор на границата е постојано продолжувана или повторно воведувана.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман изјави дека поради влошената глобална политичка ситуација дополнителните безбедносни мерки се уште поважни.