Казната од речиси 76 милиони евра што му ја изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата на „Кауфланд“ во Бугарија  може да се пренесе на потрошувачите или добавувачите, сметаат тамошните експерти. Самата санкција нема автоматски да доведе до пониски цени или подобри услови за производителите.

„Тие нема да ја платат оваа казна од свој џеб. Или ќе ги исцедат овие пари од цените за нас, клиентите, или од цените што ги добиваат од добавувачите. Ќе се залагаат за уште поголеми попусти“, рече Иван Христанов, екс министер за земјоделство во Бугарија.

Поранешниот министер ги опиша како изненадувачки и големината на санкцијата и моментот во кој е изречена. Тој истакна дека во 2016 година казната била 80.000 евра, во 2020 година – 176.000 евра, а во 2025 година – 256.000 евра. Според него, некои од овие санкции се откажани или обжалени.

„Во текот на изминатите 10 години, Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) ги откри истите прекршувања. Не ги откри само во овој синџир“, рече Христанов. Тој додаде дека слични прашања се покренуваат и во трговијата со храна, гориво и услугите на мобилните оператори.

Кауфланд ја нарече казната прекумерна, а  Христанов рече дека клучното прашање би било дали казната ќе ја преживее жалбата на суд.

„Исклучително е важно оваа казна да не падне на суд“, рече тој.

Инаку Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) изрече санкции на „Кауфланд Бугарија ЕООД & КО“ во вкупен износ од 75,65 милиони евра за утврдени нефер трговски практики против бугарски производители на производи за широка потрошувачка.

Антимонополскиот регулатор идентификуваше три прекршувања во синџирот на снабдување со одредени добавувачи во 2026 година. Санкциите за поединечните практики се движат помеѓу 21,9 милиони и 31,85 милиони евра.