Јасно е дека дискусијата дали да се продолжи со овој ревидиран француски предлог или не е во рацете на оваа земја. Не е на ЕУ, не е на Претседателство, ниту на друга земја членка на ЕУ, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на форумот „Западен Балкан и ЕУ во 2022: што престои“.
Според него, тоа не значи дека земјата треба да прифати секаков предлог или францускиот ревидиран предлог.
– Земјата треба да одлучи, но тоа е фактор во изборот и тој избор да се направи смирено и со дискусија. Предлогот е секако компромис, многу чувме за тој компромис, некои оценки се фер, некои далеку од вистината, изјави Гир.
Тој вели дека јавната дебата е тешка и емотивна и оценува дека е нпаравена штета што досега се доцни во унапредувањето на пристапниот процес.
– Забелешките што сакам да ги дадам не се наменети да извршат притисок или да залажуваат или да направат нешто друго освен да се обидам да дадам појаснување бидејќи јавната дебата е многу тешка и стана многу поларизирана што очигледно е за жалење. Оваа дискусија треба да ја започнеме од страна на ЕУ, исто така, признавајќи одредени пропусти. Направена е штета без сомнение поради доцнењата во унапредувањето на пристапниот процес. По Преспа беше големото достигнување да се влезе како членка на НАТО, рече Гир посочувајќи дека земјата постигнала голем напредок, но ЕУ не дала отворање на преговорите и тоа довело до фрустрација и недоверба во јавноста во целиот процес.