Мило Ѓукановиќ, претседателот на Црна Гора во заминување, денеска изјави дека ќе остане во политиката и дека никој не може да ги оспори неговите резултати и историското значење, како и дека ќе биде „почесен претседател на Црна Гора“.

– Нема вечна влада, вечна е само Црна Гора, рече Ѓукановиќ на прес-конференцијата во Цетиње, со која завршува неговиот претседателски мандат.

На прашањето дали има намера да се повлече од политиката, Ѓукановиќ одговори дека нема да се повлече од она на што го посветил својот живот.

„Па, животот го посветив на европскиот развој на Црна Гора. Не мора да си претседател на партијата за да бидеш одговорен граѓанин. Се што и треба на таа политика и на таа партија во сите идни кампањи, ќе добие од мене, рече тој.

Наведувајќи дека поднел оставка од функцијата лидер на ДПС, истакна дека нема намера да го менува партискиот дрес.

– Јас сум убеден член на проевропската развојна политика на Црна Гора. Во секое својство ќе продолжам да ја поддржувам партијата на која бев на чело, која и денес е стратешка поддршка на проевропски развој на Црна Гора, вели Ѓукановиќ.

Тој рече и дека ќе ја искористи законската можност да побара титула почесен претседател, што е предвидено со закон. Вели дека не размислувал дали ќе се занимава со друга работа.

Ѓукановиќ посочи дека тој период ќе го посвети на средување на својата архива, систематизирање на долгиот политички живот. Тој оцени дека може да користи некому што има амбиција да се занимава со политика.

– Добро е да се зачуваат тие пишани траги. Јас неколку пати се повлеков од политиката и на такви прашања сум одговарал слично. Ако одлучам да ја надополнам основната дејност со нешто друго, тоа ќе биде израз на сериозна одлука да ја распределам енергијата. Тоа ќе биде само во случај да ја препознаам можноста да се вклучам во некој бизнис што нема да го наруши угледот на Црна Гора и мојот углед како претседател и премиер, рече Ѓукановиќ.

Прашан за очекувањата од вонредните парламентарни избори на 11 јуни, тој истакна дека верува дека по изборите ќе има искушенија, што ќе се огледа во храброста на партиските лидери да направат коалиција која ќе може одговорно да води сметка за интересите на Црна Гора, а најважен интерес е патот на европскиот развој. Се друго се калкулации, вклучително и оние – само не со оваа или онаа, најчесто, само не со претходната власт, ​​потенцираше Ѓукановиќ.

Тој уште истакна дека станува збор за дезинформации дека ќе се преселел во Обединетите Арапски Емирати.

– Никогаш, во ниту еден момент од мојот живот не помислив да се преселам од Црна Гора. Црна Гора е мојата доживотна адреса, рече тој на последната прес-конференција во улога на претседател на Црна Гора.