Вработените во гигантот Амазон организираа протести и штрајкови во магацините, канцелариите и центрите за испорака ширум светот, барајќи повисоки плати и подобри работни права. Овие активности предизвикаа забавување на работниот процес во фабриките на компанијата, што се случува седми по ред Црн петок.
Зад глобалната кампања наречена „Направете Амазон да плати“ застанаа околу педесет различни организации, вклучувајќи синдикати, еколошки здруженија и активисти за пофер оданочување. Во одредени држави протестните активности е предвидено да траат од Црниот петок сè до Кибер понеделник, период кој важи за најпрометниот дел од годината за компанијата.
Германскиот синдикат ver.di повика на целосен прекин на работните активности во 11 фабрики на Амазон, додека синдикалните организации во Индија организираа масовни собири на најмалку 23 локации. Претставниците на германскиот синдикат соопштија дека вработените штрајкуваат и покрај големиот притисок и обидите за заплашување, со цел да издејствуваат примена на колективните договори од малопродажниот сектор и потпишување договор за безбедни и здрави работни услови.
Дел од работничките барања се актуелни веќе со години наназад. Работниците во Бангладеш бараат потпишување обврзувачки безбедносни договори уште од падот на фабриката Рана Плаза во 2013 година, кога животот го загубија повеќе од илјада луѓе. Покрај безбедноста, тие протестираат и за зголемување на примањата, бидејќи според податоците од организацијата Прогресивен интернешнл, моментно заработуваат 128 евра месечно, а бараат раст на платите до 220 евра.
„Амазон гради иднина каде што помалку работници генерираат повеќе профит под сè построг надзор“, изјави Варша Гандикота-Нелутла, координаторка на Прогресивен интернешнл.
Спротивно на овие тврдења, портпарол на Амазон истакна дека компанијата нуди одлична плата, бенефиции и можности уште од првиот работен ден. Тој додаде дека компанијата директно вработува повеќе од 1,5 милиони луѓе низ целиот свет и обезбедува модерна, безбедна и стимулирачка работна средина во канцелариите и оперативните центри.
Во германскиот град Франкентал вкупно 150 вработени целосно прекинаа со работа во траење од 24 часа, со барања за намалување на работниот притисок и потпишување колективен договор. Иако штрајкувањето е законски регулирано во најголем дел од земјите, дел од вработените изразуваат страв од можни последици по нивните работни места.
„Имаме други барања многу долго време, но малку е веројатно дека некој ќе нè послуша ако не можеме да штрајкуваме. Сакаме да го принудиме Амазон да почне да ги плаќа трошоците поврзани со неговите приходи“, порача Магда Малиновска од полскиот синдикат „Иничјативва Праковница“.
Амазон вработува повеќе од 230.000 луѓе на европскиот континент, претежно ангажирани на позиции за пакување и испорака на пратки. Компанијата во 2026 година регистрираше приходи во висина од 678 милијарди евра, со што се позиционираше како втора најголема компанија во светот според продажба, профит и пазарна вредност, веднаш зад ЏП Морган Чејс.
