Градот Скопје започна со реконструкција на вандализираното спомен-обележје посветено на децата бегалци од Егејска Македонија. Овој зафат се реализира во рамки на тековните активности за целосно уредување на паркот „Жена-борец“ во центарот на градот.
Надлежните посочуваат дека станува збор за простор што чува длабока колективна меморија, а со обновата му се враќа соодветното историско значење.
„Го вративме вандализираното спомен-обележје на децата бегалци од Егејска Македонија, во чест на нивните судбини, прекинатото детство и незгаснатата љубов кон родниот дом. Некои рани никогаш не зараснуваат. Таква е и раната за децата бегалци коишто прерано останале без своите домови. Овој споменик којшто во моментов го реконструираме беше мета на вандализам во минатото и со години стоеше без плоча и без никакво обележје, но веќе започнавме активности со коишто спомен-обележјата во главниот град ги враќаме во првобитна состојба, бидејќи станува збор за спомен-обележја, коишто се одлика за минатото, но и правец каде во иднина треба да се движиме ние како нација, како народ и како жители на град Скопје, но и потсетник да бидат за младите коишто треба да си ја знаат својата историја. Освен овој споменик и на останатите споменици каде што има аномалии во наредниот период ќе превземеме активности за да ги ревитализираме целосно. Го обновуваме просторот кој ја чува нашата колективна меморија и му го враќаме достоинството што го заслужува“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Покрај интервенцијата врз споменикот, локалните власти реализираат и комплетни градежни работи за подобрување на парковскиот простор, со цел да се овозможи функционална средина за граѓаните.
„Во паркот „Жена-борец“ после долги години се прави целосна ревитализација којашто опфаќа средување на патеките, партерно уредување, нова инфраструктура којашто ќе биде овде поставена, а е поврзана со нови клупи, корпи за отпадоци и се останато што значи дека едно од најубавите катчиња во градот Скопје ќе го добие својот модерен лик, онака како што заслужуваат граѓаните“, нагласи Ѓорѓиевски.
