Денешната програма од 13. коло во Првата македонска фудбалска лига донесе голема борба и значајни промени во средината на прволигашката табела. Екипите на Башкими и Брегалница ги поделија бодовите, додека Шкендија Арачиново славеше на гостувањето кај Арсими.

Во Куманово, дуелот меѓу Башкими и штипска Брегалница започна со петнаесетминутно задоцнување поради отсуство на противпожарно возило. Домашниот состав поведе во 27. минута преку десниот бек Фавзи Јахаја, кој одлично се снајде во петерецот и со глава го матираше голманот Јашар.

Штипјани тешко создаваа шанси во продолжението од средбата, но сепак стигнаа до посакуваното израмнување. Во 73. минута, по нафрлувањето на Стојковски и вратената топка со глава од Николов, домашниот чувар на мрежата Алиу интервенираше несигурно, што го искористи Натаниел Лоренцо Маское за да постигне гол за конечни 1:1 и освојување на вреден бод за Брегалница.

На Градскиот стадион во Гостивар се радуваа гостите од Арачиново, откако Шкендија славеше над Арсими со резултат од 0:2. По првото полувреме мрежите мируваа, а резултатот беше отворен веднаш на стартот од вториот дел, во 47. минута, кога Дашмир Елези постигна погодок за почетно водство од 0:1.

Домаќините тргнаа во офанзива и беа најблиску до израмнување во 71. минута, но ударот на Гаје заврши во дирекот од голот. Сите дилеми околу победникот ги реши капитенот Бесир Демири во 85. минута со прецизен удар од белата точка, откако ВАР-собата потврди недозволена игра со рака од страна на Ел Хаџи Геје.

По денешните средби, а пред почетокот на репрезентативната пауза, лидер на табелата во ПМФЛ е екипата на Струга Трим Лум со 29 бода, пред тетовска Шкендија со 27 бода. Третото и четвртото место на табелата го делат Тиквеш и Вардар со по 24 освоени бода, додека Шкендија Арачиново сега е на петтата позиција со 18 бода, пред Силекс кој има 17 бода. Натпреварите од следното 14. коло ќе се одиграат по две недели, на 21 и 22 ноември.